Дали и со кого од ДУИ преговарал Мицкоски? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се уште се надева на ново парламентарно мнозинство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ниту се откажал ниту ќе се откаже од обидот за формирање ново парламентарно мнозинство. Амбицијата продолжува, како за мнозинство така и за предвремени парламентарни избори, дури во Клик Плус рече дека е во комуникација со пратеници од мнозинството.

Но, партнерите во владата на Заев негираат. Мнозинството е стабилно и тоа се покажа со гласањето доверба на владата вели координаторот на ПГ на ДУИ Арбр Адеми.

„Максимално ние како ДУИ сме фокусирани да ја реализираме таа програма за која добивме доверба при гласањето на граѓаните и гледаме дека дадените ветувања секој ден се реализираат и пред роковите кои сме ги ветиле.“, вели Адеми.

Генералниот секретар на Движење Беса, Аријанит Хоџа вели дека доколку Мицкоски зборува за средби за прашањето за гласање на заедничките пакети кои се договорени меѓу власта и опозицијата, тогаш има над 95 пратеници кои гласале за деблокирање на Собранието.

„Доколку станува збор за нешто посебно што тој не сака да го претстави војавноста, можам да ви кажам со сигурност дека Движење Беса е дел од власта каде имаме бројка од 62 како дел од мнозинството и имаме еден извонреден комодитет и не гледаме никаква опасност било од македонската било од албанската опозиција.“, вели Хоџа.

Халил Снопче од коалицијата АА-ААА тврди дека немал официјална средба за создавање ново мнозинство. Заинтересирани се, но доколку се создадат услови за такво нешто.

„Единствено нешто што го гарантираме е дека имаме стабилна парламентарна група, и дека ги браниме интересите на Албанците со гордост и ќе продолжиме да ги браниме така до крај. Нормално доколку се создадат услови за формирање ново парламентарно мнозинство,ние ќе разговараме и сигурно ќе бидеме заинтересирани, но во моментов го применуваме овој владин коректор на најдостоинствен можен начин.“, рече Снопче.

Веќе со месеци лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборува за ново мнозинство раководено од неговата партија и дека пратеници од мнозинството ќе преминат на негова страна, но до сега ниедно поместување не се случи. И премиерот Зоран Заев исто така кажа дека опозициски пратеници можно е да му се придружат на мнозинството, но и тоа до сега останува само на збор.