Излезноста во Брвеница до 17 часот достигна 39,34 отсто

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од една третина од запишаните избирачи во Општина Брвеница го оствариле своето право на глас на предвремените избори за градоначалник. До 17 часот гласале 6.392 граѓани, односно 39,34 проценти од вкупниот број избирачи, покажуваат податоците објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).

Следниот пресек на излезноста, врз основа на податоците до 18 часот, ДИК го најави за 18:30 часот.

Во текот на изборниот ден, до прес-конференцијата на Комисијата биле поднесени седум приговори за заштита на личното избирачко право. Два приговори биле усвоени, по што на избирачите им била овозможена можност да гласаат. Еден приговор бил одбиен како неоснован, додека четири сè уште биле во постапка на разгледување.

Жителите на Брвеница денеска избираат нов градоначалник на предвремени избори, распишани по смртта на дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава.

За градоначалничката функција се натпреваруваат шест кандидати. Стојанчо Радически е кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески е кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, Јакуп Усеини настапува како кандидат на коалицијата ВРЕДИ, а Аркин Јахији е кандидат на Националната алијанса за интеграција (НАИ). Во изборната трка се и независните кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи.

Во изминатиот период, функцијата вршител на должност градоначалник ја извршуваше Роберт Милошески.

Според податоците на ДИК, во Избирачкиот список се запишани вкупно 16.256 избирачи од десетте населени места во општината. Од нив, 449 се на привремена работа во странство, а девет лица се евидентирани во затвор или притвор.