Од утрово вонредни инспекциски надзори се вршат во Клиничката болница во Битола кој треба да ги утврди причините за смртта на 6-годишното девојче Јана односно дали се работи за лекарска грешка. Таткото на Јана во изјава за медиумите вели дека кога неговата ќерка ја однел во болница имала настинка и блага температура. Таму и дале гликоза во инфузија иако претходно анализата на крвта покажала дека вредноста на шеќерот и бил 9.
„По оваа инфузија шеќерот во крвта се покачи на 19 единици по што состојбата почна да се влошува. Ја пренесоа во друга сала викнаа анестезиолози и ставија нешто и малку се покрена. Имаше наредено штипчиња за срцето да го следат, за пулсот, кислород. Си заминаа анестезиолозите девојчето пак почна да се губи. Јас гледав преку стаклото. Пробаа со електрошокови, со масажа на градите за да ја вратат но ништо“, вели таткото Стојче Христовски.
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити изјавија дека доколку се покаже дека се работи за грешка на лекарите ќе се бара одговорност. Меџити рече дека од вчера е во постојана комуникација со болницата и денеска има средба со директорот на болницата Александар Обедниковски за да реферира за случајот.
„Информирано е Јавното обвинителство во однос на овој случај. Сите детали откако ќе ги имаат надлежните институции ќе бидат споделени со јавноста. Треба врз основа на факти да се утврди објективната состојба што се има таму случено и врз основа на тие факти да се направат соодветни санкции таму каде што ќе биде потребно“, додаде Димитар Ковачевски.
„Штом слушнавме вчера веднаш постапивме, како што кажа и премиерот, инспекциските служби се таму и чекаме исход од тоа и веднаш ќе бидете известени. Ние бевме во контакт како што кажа Со семејството не, ќе имаме контакти и со нив, прво да видиме што е грешката. Значи го чекаме исходот од надлежните институции, од Државниот санитарен инспекторат и веднаш ќе бидете известени за се што ќе постапиме понатаму“, вели Фатмир Меџити.
Обдукцијата на малата Јана заврши вчера, но се уште нема резултати за тоа што е точно причината за смртта на девојчето.
