Дали ќе има ново парламентарно мнозинство? – Стојановска вели дека има преговори, Петровска отфрла таква можност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жестока дебата на пратеничките Славјанка Петровска од СДСМ и Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ во магазинот Клик плус на ТВ 21. Во врска со прашањето за формирање ново парламентарно мнозинство кое деновиве шеф на опозицијата Христијан Мицкоски се погласно го најавува, а од опозициската партија доаѓаат информации и дека имаат дури и 65 пратеници Стојановска вели дека засега тоа е се уште неизвесно, но потврдува дека преговори има.

„Точно така, тоа се само најави, официјално се уште нема ништо но секако дека сме во преговори со сите кои што се во коалиција со владејачкото мнозинство во парламентот, бидејќи сведоци сме дека веќе е се поголемо незадоволството кое што се појавува кај поединци, а исто така сведоци сме, добро знае јавноста, дека веќе ова парламентарно мнозинство не може да функционира добро заради кое што и парламентот е веќе закочен, не можат да се одвиваат седници на парламентот“, истакна Дафина Стојановска.

Но, ваквите најави за ново парламентарно мнозинство премиерот Заев изминатиот период ги отфрлаше и тврдеше дека имаат стабилно мнозинство. Тоа го тврди и пратеничката од редовите на СДСМ Петровска која негира дека постојат проблеми во владејачкото мнозинство.

„Тоа парламентарно мнозинство се најавува од првиот ден кога е формирана оваа Влада со ова парламентарно мнозинство, кое што е стабилно. Веројатно го буни тоа што во коалицијата по одредени прашања има различни мислења, но за демократија тоа е нормално. Времето кога пратениците беа обврзувани со меници или разни начини да бидат устроени по налог на партијата на власт е веќе заминато. Така што коалиционите партнери за одредени прашања имаат различни мислења, но тоа апсолутно не ја доведува во прашање стабилноста на Владата“, посочи Славјанка Петровска.

За тоа дека од ДУИ не размислуваат да го формираат новото мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ деновиве изјави и лидерот на партијата Али Ахмети. Парламентарното мнозинство функционира нормално, има разлики за одредени теми, но добро е што се постигнува консензус, изјави Ахмети.