Апсењето на поранешниот премиер на Бугарија Бојко Борисов предизвика инцидент во бугарскиот парламент.
А до апсењето дојде по пријава за рекет од бизнисмен, тежок 30 милиони евра.
Пратеничката група на ГЕРБ побара гласање на декларација за одбрана на нивниот лидер и барање за предвремени парламентарни избори.
Премиерот Кирил Петков дојде на власт со јасна цел: „Нула корупција“. Порача дека никој не е над законот.
„Додека Европското обвинителство прави проверки, време е, време е, бугарското обвинителство да си влезе во местото и да застане на страна на граѓаните. Мислам дека сите знаат дека имаме толку многу дојави кои обвинителството јавно не ги разгледува, еве сега се надевам дека на крај тие ќе дознаат каква е нивната улога“, рече Петков.
Од партијата на Борисов обвинуваат дека ова е репресија кон политичките опоненти, па денеска протестираа пред Владата.
„Да удираш по политичкиот опонент бидејќи ти е неудобен, затоа што поставува прашања на кои немаш одговор. За да скриеш сопственото незнаење оти не можеш да се справиш со ниту еден сектор, со ниту една криза тоа е апсолутно безобразно“, вели Томислав Дончев од партијата на Борисов ГЕРБ.
„Гледате дека синоќа во 20 часот цивилни луѓе влегоа кај Борисов. Така ли се прави во правна држава? Што сакаат да скријат надлежните? Можеби за да не се зборува веќе за цената на горивата, маслото, основните продукти или тоа што ќе се случи денеска или утре“, рече Цвета Карајнчева од ГЕРБ.
Оваа фотографија од синоќа ги преплавува друштвените мрежи. Така се отвори и темата, дали Бојко Борисов може да направи „потрес“ и во Македонија. Во земјава има две бугарски банки, според информации на ТВ21 требало да има и трета. Таа била ветена од наша владина гарнитура на луѓе блиски до сега уапсениот поранешен премиер на Бугарија. Но извршниот директор на банката откако дознал за ветувањето, се заканил дека доколку се случи продажба на банката на бугарски инвеститори блиски до Борисов ќе излезе во медиумите заедно со членовите на управниот одбор и ќе соопшти дека банката ја презема криминална и сомнителна група.
Со ваквиот чекор би се случил голем потрес на банкарскиот сектор кај нас, а со тоа многу големи клиенти на Комерцијална банка би ги повлекле своите депозити.
При една заедничка средба на високо ниво, било разговарано и за преземање на една приватна национална телевизија од страна на лица блиски до Бојко Борисов, но и тие планови подоцна се изјаловиле.
Инаку приведувањето на Борисов, се совпадна со посетата на главната европска обвинителка Лаура Ќовеши во Софија. Бугарското обвинителство според исказот на бизнисменот кој бил рекетиран иако пријавил не презел никакви дејствија. Актуелниот шеф Иван Гешев важи за близок човек на Бојко Борисов.
