„Преку поевтини цени за граѓаните поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори како што се продавници за гардероба , бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги.“
Уште во месец мај, сега веќе екс техничкиот премиер, најави дека ќе има викенд без ДДВ. Но, наместо на крај на август, на вакво нешто граѓаните би можеле да се надеваат дури на почетокот на месец октовмри. Дали само викенд или мерката без ДДВ ќе трае цела недела? Министерот за економија Крешник Бектеши објаснува дека мерката за викенд без ДДВ се уште не е целосно дефинирана . Одлуката како што вели Бектеши ќе биде донесена согласно фискалните можности во Буџетот.
„Сигурно ќе биде околу почетокот на следниот месец, но треба да ги направиме потребните проекции околу тоа дали ќе биде цела недела или само викенд. Кога беа донесени мерките од третиот економски пакет, предложивме да дадеме можност во времетраење од една недела за сите граѓани да купуваат без ДДВ. Но, одлуката ќе ја донесеме наскоро согласно фискалните можности во Буџетот. Оваа мерка ќе им биде ставена на располагање на граѓаните и на компаниите, но секако позаинтересирани ќе бидат оние компании кои се занимаваат со трговија на големи и мало“, рече Бектеши.
Мерката Викенд без ДДВ беше најавена во мај месец од страна на тогашниот технички премиер Оливер Спасовски како дел од третиот сет економски владини мерки за опоравување и стимулирање на економијата .
Но, не сите економисти се согласуваат со ваквата мерка. Универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ, кој е поранешен советник на поранешниот министер за финансии Тевдовски, вели дека мерката викенд без ДДВ ќе направи голема дупка во Буџетот и ќе стимулира сива економија .
„Мерката повеќе ќе им годи на побогатите отколку на посиромашните. Сиромашниот што може да купи- тој купува храна,облека основни потреби што се евтини. Тука нема голем данок. А богатиот купува скапи производи,па тој викенд ќе си купуваат скапи телефони,телевизори и практично државата ќе ги ослободи од данок богатите наместо да им помогне на сиромашните.“, рече Јовановиќ.
Мерката викенд без ДДВ ќе биде тешко применлива цени Јовановиќ, бидејќи како што рече во иднина фирмите ќе се соочат со проблем од дополнително прилагодување на фискалните каси што според него ќе чини и време и пари.
