Дали Меџити тргна по патот на Вјоса Османи? – По 15 години власт вели дека има работи кои не се во корист на ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Почна со критики за неговата партија кога се објавија имињата на неговите сопартијци кои ќе бидат дел од Владата „Заев 2“.

„Ќе гласам за Владата со лични забелешки кои ги имам за дел од членовите на извршната власт. Тоа е внатрепартиска дебата во ДУИ“, истакна Изет Меџити.

Потпретседателот на ДУИ, потоа и шеф на парламентарната група, функција од која вчера се повлече, Изет Меџити, вели дека тие кои ги претставуваат во извршната власт треба да работат согласно волјата на граѓаните. Со тоа, сакаше да докаже дека нема лични амбиции, туку дека гласачите се незадоволни, посебно огранокот Чаир од каде доаѓа и тој.

Но, зошто Меџити е незадоволен? Човек кој во ДУИ овие 15 години вршеше различни функции! Над една деценија е потпретседател на партијата, 3 мандати, односно 12 години градоначалник на Чаир, 1 мандат пратеник, претседател на огранокот на Чаир а со сето тоа, заедно со Беќир Асани, имаа и моќ за именувања во министерствата и управите.

Што го натера Меџити да биде против првиот вицепремиер, Артан Груби? ТВ21 дознава дека пред 4-тиот конгрес на ДУИ, меѓу Меџити и Груби имало договор, каде Меџити побарал поддршка од Груби за пратеник и претседател на огранокот на Чаир, а Груби од него побарал поддршка за  извршната власт. Целото незадоволство почнало кога Бујар Османи е именуван за министер за надворешни работи, велат нашите извори, а тоа е причината поради која сите забелешки се упатени кон Груби.

„Неколку теми кои овој пат се во врска со извршната власт од ДУИ, делот од ДУИ, на чело со г. Груби“, вели Изет Меџити.

По 100 дена Влада, од собраниската говорница, Меџити почна да бара отчет за изборните ветувања. Не е секојдневно во нашата политика да се бара отчет од сопартиец.

„Со големо убедување кажувам дека ќе продолжам до крај на мандатот од функцијата пратеник, да не се сфати ова како лична војна за да му го заземам местото некому, далеку од таквите шпекулации, но доколку некој мислел дека јас ќе седам и само ќе гласам механички за законите, тогаш згрешил“, додава Изет Меџити.

Имаше и најави за интерпелација за Груби, или и поддршка за гласање за неговата недоверба во случај да дојде до такво нешто. До сега не се случи ниту едното. По состанокот на интегративците во мала Речица, претседателот Ахмети рече дека станува збор за несогласувања. Неколку дена потоа, Меџити гласаше за довербата на Владата. Но, само неколку дена потоа даде оставка од функцијата координатор на парламентарната група на ДУИ во Собрание.

  • „Во политичкиот субјект на кој припаѓам од првите денови на нејзиното основање, се развиваат случувања што на никаков начин не можат да одат во прилог на најголемата политичка сила на Албанците на РСМ и што е уште поважно,  ни во прилог на неприкосновениот лидер на Албанците, претседавачот    г. Али Ахмети;
  • Со намера да  дадам поширок простор на мојата интенција за подостоинствена елаборација  на позицијата зад која силно стојам, Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ“, вели Изет Меџити.

Артан Груби, вицепремиерот за кого Меџити има критики, продолжува да го нарекува пријател, другар и колега.

„Одлуката на пријателот, мојот другар Изет Меџити, колегата, мојот сопартиец, е лична и јас ја почитувам“, вели Артан Груби.

Груби, за кого Меџити вели дека има амбиции да дојде на местото на Али Ахмети, не негира дека еден ден претседател може да биде токму Меџити, но не како замена на лидерот Ахмети.

„Секако во одреден период можно е да имаме друг претседател на ДУИ и зошто тоа да не биде Изет Меџити или било кој друг кој ќе ја има поддршката на гласачите“, порача Артан Груби.

Прашан дали тргна по патот на Вјоса Османи во Косово, критичкиот глас на ДСК која замина од партијата за да се обедини со опозицијата, Изет Меџити краток за ТВ21 рече „Не, не мислам така“. Исто така на фејсбук напиша: Продолжувам да бидам чувар на политиките и идеалите на претседателот Али Ахмети, како и на гласот на гласачите на ДУИ за да го оствариме она што го ветивме“.