Скандал со плаќања за влијание? Трамп нареди истрага против Гренел

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп наредил да започне истрага против еден од неговите поранешни блиски соработници, Ричард Гренел.

Како што објави медиумот „Аксиос“, во Белата куќа избил скандал поврзан со наводна шема за „плаќања за влијание“ врз Трамп. Во центарот на извештајот е наводна порака што Гренел му ја испратил на турскиот бизнисмен Турхан Милдон во мај минатата година.

Во тоа време, Гренел бил на чело на културниот центар „Кенеди“, а на Милдон наводно му предложил да префрли околу 17 милиони долари на компанијата „Тексас Армамент енд Технолоџи“. Од таа сума, околу шест милиони долари требало да бидат наменети за уметничкиот центар.

„Штом парите ќе пристигнат кај компанијата тука, ќе ја организирам донацијата за ‘Кенеди центар’, а вие ќе имате пристап до ВИП-настани и ќе бидете блиски со администрацијата, па дури и со претседателот на Соединетите Американски Држави“, се наведува во пораката што, според извештајот, му ја испратил Гренел.

Гренел ги негирал обвинувањата, оценувајќи ги како лажни. Сопругата на Милдон, адвокатката Алина Хаба, пак, изјавила дека „Кенеди центар“ никогаш не ја добил наводната донација.

Според „Аксиос“ и „Њујорк тајмс“, Хаба претходно во текот на месецот се сретнала со Трамп и разговарала со него за Гренел. По тоа, американскиот претседател ѝ наредил на Белата куќа веднаш да започне истрага.

Ричард Гренел беше специјален пратеник на Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија во периодот од 2019 до 2021 година.