Без маска, без растојание, невакцинирани, недезинфицирани, со неограничено движење, без сертификат, можете да сретнете во некоја земја каде се збогувале со пандемијата, но и на предизборен митинг во Македонија. И покрај препораките да се почитуваат протоколите, директорот на Институт за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести вели дека оние што треба да бидат пример не ги почитуваат протоколите.
„Колку што следев деновиве не се почитуваат како што треба, одговорност ќе сносат сите. Нема разлика која политичка партија, собирот е собир. Сите држат собири, настани, митинзи, тие треба на граѓаните да им препорачуваат да ги почитуваат мерките. Прво, тие сами што организираат не ги почитуваат, а после и граѓаните“, истакна Шабан Мемети.
Прашавме во Министерството за здравство дали се потребни сертификати за присуство на митинзи, но од таму ни одговорија на сосема друго прашање.
„МЗ не е организатор на партиските митинзи. Апелираме до сите политички партии да ги почитуваат протоколите за заштита од Ковид 19“, велат од Министерството.
Вака се наметнува и прашањето дали овие собири се ковид кластери и што доколку после истите се зголеми бројот на заразени? Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се придржуваат до протоколите колку што е возможно.
„Одговорноста ја сноси власта, бидејќи како што знаете и министерот за здравство и целата Влада најавија дека кон крајот на август ќе бидеме веќе Ковид фри земја, меѓутоа како што гледаме бројките пораснаа, одговорност од таа страна веќе и не очекувам некој од тие ликови да понесе одговорност, гледам како се бијат шега истите оние кои треба да сносат одговорност за оние 14-мина во тетовската болница“, посочи Наум Стоилковски.
Од СДСМ, ДУИ и Алијанса/Алтернатива не добивме одговор, но ако зборува сликата можеме д а заклучиме дека не се почитуваат целосно Ковид протоколите.
