Есенско разубавување на Скопје: Нови цветни насади во парковите и долж булеварите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скопје добива нов есенски изглед со засадување сезонско цвеќе на повеќе јавни површини низ градот. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ денеска спровеле активности за разубавување на парковите, булеварите и цветните леи, информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Есенски цветен расад е засаден во Градскиот парк, Парк Македонија, како и долж булеварите „Партизански одреди“, „Јане Сандански“ и „Александар Македонски“. Со нови цветни насади е уреден и просторот во Реонскиот центар.

Посебно внимание е посветено на декоративните цветни фигури во градот. Нов изглед добиле фигурите „Штрк“ во општина Аеродром и „Торта“ во општина Чаир, кои се освежени со сезонско цвеќе, меѓу кое миозотис и хризантеми.

„И во есенските денови, Скопје го облекуваме во бои што внесуваат свежина и топлина во нашето секојдневие“, напиша Ѓорѓиевски на својот фејсбук-профил.

Тој упати благодарност до вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ за секојдневната грижа за зелените површини и јавните простори во главниот град.

„Благодарност до сите вредни раце што секојдневно се грижат нашите паркови и јавни површини да бидат поубави и попријатни за секој скопјанец“, порача градоначалникот.

Ѓорѓиевски воедно ги повика граѓаните да придонесат за зачувување на уредените површини, со порака: „Да го чуваме она што го разубавуваме“.