Дали реконструкција на Владата ќе донесе „метла“? На неколку министри им се ниша фотелјата!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реконструкцијата на Владата е неопходна, според коалициските партнери во извршната власт, но сè уште не е познато кога ќе се спроведе. ТВ21 од извори од помалите коалициски партнери во Владата неофицијално дознава дека ќе има замени на министри и од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, и од коалицијата ВЛЕН.

МОЖНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА ВО СЛЕДНИТЕ РЕСОРИ:

Министер за внатрешни работи – Панче Тошковски (ВМРО-ДПМНЕ)
Министер за земјоделство – Цветан Трипуновски (ВМРО-ДПМНЕ)
Министер за култура и туризам – Зоран Љутков (ВМРО-ДПМНЕ)
Министеркa за образование – Весна Јаневска (ВМРО-ДПМНЕ)
Министер за правда – Игор Филков (ЗНАМ)
Министер за економија – Бесар Дурмиши (ВЛЕН)
Министер за европски прашања – Орхан Муртезани (ВЛЕН)

Заменик-премиерот за добро управување Арбен Фетаи изјави дека засега познато е само едно име – дека Беким Сали ќе го замени Изет Меџити, актуелен градоначалник на Чаир, на функцијата прв заменик-премиер. А за министер за екологија, лидерите на ВЛЕН утре треба да имаат средба со премиерот Мицкоски.

„Како што знаете, Демократското движење го имаше и Министерството за животна средина. Изет Меџити имаше две улоги – прв вицепремиер и министер за животна средина. Сега, партијата на Меџити ќе предложи ново име за министер за животна средина и верувам дека во текот на оваа недела, најдоцна утре, ќе се сретнеме со премиерот како мандатар и ќе ги поставиме овие прашања за да најдеме решение согласно договореното меѓу коалициските партнери“, изјави Фетаи.

Во актуелниот владин кабинет има 15 министри од ВМРО-ДПМНЕ, 6 од ВЛЕН и 2 од ЗНАМ. Сè уште не е познато кои од замениците-министри ќе бидат променети, но од сите страни е соопштено дека ќе се задржат рамките на коалициските договори постигнати при формирањето на Владата.