Дали се вистински потписите на членовите на Алијанса за Албанците (АА) кои ги објави претседателот на оваа партија Арбен Таравари? Со овие потписи Таравари тврди дека ја има поддршката од мнозинството членови. Но една членка на собранието на АА која е прва на оваа листа, вели дека таа не се потпишала.
„Во врска со неодамнешната ситуација создадена во нашата партија и со некои објавени потписи кои можеби се собрани за поддршка на претседателот Арбен Таравари, ве известувам дека јас Медиана Амети не сум потпишала ниту една петиција или список. Ги повикувам иницијаторите на овие списоци да не го злоупотребуваат моето име и потпис. Во сабота ќе ја изразам мојата волја како пратеник во Централното собрание“, вели Медиана Амети.
Истото го велат и од информативната канцеларија на АА.
„Да, имаме некои пратеници кои ги видоа нивните имиња на списоците објавени во медиумите, но лично не потпишаа таква петиција и сега јавно реагираа. Во истите списоци има и имиња на лица кои не се членови на Централното собрание“, порачаа од АА
АА пред два дена излезе со информација за ставот и нејзините членови дека по објавувањето на вчерашниот став на претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, за 24 часа се собрани 80 потписи од членови на собранието, како што велат, доброволно, од вкупно 133 колку што брои Собранието, додека процесот на собирање потписи е во тек. АА на својата Фејсбук страница пишува дека мнозинството од Собранието на Алијансата за Албанците е за сигурна промена.
