Дали Северна Македонија треба да го врати воениот рок? – Ѓурчиновски: Мислам дека има потреба од такво нешто

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Земјата би добила многу со враќање на служењето на војска, рече началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски кој синоќа гостуваше во инфомративниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21. Тој смета дека служењето на три месеци војска би ги подготвило младите идни кадри.

„Би добиле осбособување на кадрите за било какви можни ангажирања во случај на пожари, земјотреси, поплави. Би ги подготвиле за сите овие што предмалку ги споменав карактеристики на почитување на хиерархија, со кординација едно старешинство помлад, постар. Вештини кои сите вие повозрасните генерации сте ги стекнале воен рок. Но, и ние како земја треба да водиме сметка кое е вистинското место каде што нас сите различности во општеството ни се спојуваат“, вели Васко Ѓурчиновски.

За тоа дали треба да се врати воениот рок во Северна Македонија, Ѓурчиновски лично смета дека има потреба од такво нешто.

„Навистина има потреба од причина што, како што кажав, три месеци или четири месеци служење на воен рок доколку еве ќе кажам конкретен предлог за машката популација се дефинира како обврска задолжителна, но тоа не значи дека ние би можеле или би требале да започнеме со реализација на идната година, може една-две години преодни додека не се завземе дефинитивен конечен став во општеството доколку законската регулатива не биде соодветно прилагодена 2023, 2024 година, хипотетички да започнеме со 2025 година“, додава Васко Ѓурчиновски.

Прашан за тоа како пред неколку денови се запалило неговото возило во Косово, началникот на Генералштабот Ѓурчиновски одговори:

„Во текот на движењето од конференцијата на сојузниците на Јадранската повелба и САД на ниво на началници на Генералштабови во Црна Гора, при враќање во непосредна близина на Приштина во движење се запали возилото, меѓутоа за среќа со брза интервенција на обезбедувањето и придружбата брзо беше пожарот во возилото локализиран и немаше никакви повредени лица, но ниту значителна материјална штета“, вели Васко Ѓурчиновски.

Началникот на Генералштабот, Ѓурчиновски истакна дека со зачленувањето на Северна Македонија во НАТО Алијансата од стратешкиот партнер САД добиена е поддршка од вкупно 40 милиони долари за модернизација на армијата.