Дали службите ги следат од Европски Фронт? Мицкоски: Не се занимавам со темни сценарија – „Параноја“, вели Таравари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Несериозно е да се коментираат изјави од поранешни политичари гласи коментарот на премиерот Христијан Мицкоски по изјавата на екс министерот за економија Крешник Бектеши кој во изјава во емисијата Дејли клик на ТВ21 рече дека биле прислушувани и следени од безбедносни институции по налог на власта, по најавите за можна дестабилизација наесен. Мицкоски вели дека власта не се занимава со темни сценарија.

-Политичарите кои што ги злоупотребуваа институциите заминаа во историјата, на темната страна на историјата. Немаме намера да се занимаваме со такви темни сценарија, тие темни сценарија ги оставаме на оние кои што спортуваа, играа фудбалчиња и баскетче во канцеларии, кои што купуваа трговски центри, кои што градење империи на грбот на граѓаните, кои што ги ограбуваа граѓаните, отвараа фабрики со марихуана, издаваа пасоши на белосветски криминалци и нарко дилери и така натаму. Така што изјави на вакви политички маргиналци не би коментирал, изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Министерот пак за здравство Арбен Таравари вели дека Бектеши има параноја.

-Не верувам дека некој од ЕФ е следен, мене ова ми личи на конспирација и параноичен нивниот настап, не треба да се плашат, опозицијата е добра работа, треба да останат во опозиција, ги охрабрувам да бидат поактивни во опозиција,да излегуваат со добри идеи, конструктивни и полека да научат дека ги очекува долг период во опозиција, вели Арбен Таравари, министер за здравство.

За најавите на дестабилизација станало збор и на средбата на лидерот на ДУИ Али Ахмети со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер во која Ахмети вели дека ДУИ не е дел од никакво дестабилизирачко сценарио туку тоа е измама на власта.

Во однос на безбедносната состојба, Ахмети предупреди за големата владина измама да инсценира дестабилизирачки сценарија за дефокусирање на јавноста од големите неуспеси и безбројните и секојдневни скандали на неспособната власт. Дуи не е дел од никакво дестабилизирачко сценарио и отфрла какви било владини конспиративни тенденции.

И поранешната министерка и актуелна пратеничка Славјанка Петровска во денешното издание на Дејли клик на ТВ 21 вели дека таквите сценарија на Мицкоски за можна дестабилизација се обид да ги затскрие скандалите во Владата.

-Изјавата на премиерот дека ДУИ подготвува дестабилизација повеќе веќе повеќе од десет дена. Јас не гледам некој од ДУИ да биде уапсен. Дестабилизација на држава е сериозно кривично дело. Не знам, веројатно колегата Бектеши има информации или сознанија за тоа дали ги следат или не меѓутоа мене не би ме чудело. И тоа можеби не да го прават државни институции дури да го прават и параструктурите на ВМРО-ДПМНЕ, вели Славјанка Петровска од СДСМ.

Бектеши во емисијата на ТВ 21 обвини дека партнерите во власта ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ дале задолженија на безбедносните институции да ги следат претставниците на Европскиот фронт за активностите што ќе ги преземат и за тоа што се планира да се случи наесен. Вчера реакција имаше и од Стејт департментот од каде беше речено дека се во постојана комуникација со владините функционери за прашања од меѓусебна загриженост.