Дали со Фон дер Лајен ќе дојдат и Уставните измени? – „Доколку се обезбедат бројките, седница може да има истиот ден“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седницата за гласање за уставните измени во Собранието е во прекин поради тоа што нема двотретинско мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да гласа, бидејќи смета дека уставните измени се прават под бугарски диктат.

Најавено е дека на крајот на месецот, најверојатно на 29 октомври, во Скопје ќе допатува претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен. Но, дали ова ќе биде уште еден обид на сојузниците да ја убедат опозицијата?

Пратеничката од ДУИ, Арта Биљали Зендели за ТВ21 изјави дека не е исклучено седницата за гласање да продолжи доколку претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен успее да ги убеди пратениците, но таа е скептична дека тоа може да се постигне со нејзината посета.

А.Б.З.: Може, ништо не го спречува тоа. Процедурален дел, доколку се е во ред. Во секој момент може да ја свика спикерот Талат Џафери.

– Да, но тоа го кажа во моментот кога ќе ги обезбедиме бројките.

А.Б.З.: Да Да. Доколку со доаѓањето на еврокомесарката  Фон Дер Лајен се обезбедат бројките, не се исклучува можноста тоа да биде истиот ден.

-Дали ова е показател дека нејзиното доаѓање може да биде дополнително убедување за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ? Дали е ова целта на нејзиното доаѓање?

А.Б.З.: Мислам дека со доаѓањето или еден контакт некој може да се убеди.

Го прашавме и премиерот Димитар Ковачевски за доаѓањето на Фон дер Лајен и целта на посетата. Тој вели дека не може да користи термини како „убедување“ на пратениците, но не исклучува дека една од темите ќе биде и продолжување на евроинтеграцискиот пат, што значи расправа за уставни измени.

Што се однесува до опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ никако не го менува ставот и продолжува да вели дека во овие услови нема да ги поддржат. Од друга страна, Зеќирија Ибрахими на ТВ21 потврди дека албанската опозиција ќе ги условува уставните измени со отстранување на терминот од 20 отсто за албанскиот јазик, како и со вклучување на нивниот предлог за борба против криминалот и корупцијата. Инаку, седницата за уставните измени беше отворена на 18 август годинава и расправата заврши истиот ден, додека за денот на гласањето беше речено дека ќе биде свикана веднаш штом ќе се обезбедат потребните 80 пратеници. Предлогот за иницирање уставни измени беше изгласан со 70 гласа за и 47 против.