ВМРО-ДПМНЕ преку референдум ќе го поништува Договорот со Бугарија. За ова на вечерашната сеница на Извршниот комитет на партијата ќе се носи одлука за иницијативата за која претседателот на партијата Христијан Мицкоски најави дека ќе ја спроведе. Деновиве се очекува да се поднесе барање до Собранието да донесе одлука која ќе биде доставено до Државната изборна комисија за отворање канцеларии за собирање 150 илјади потписи потребни за одржување на референдумското изјаснување. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат власта да не го опструира овој процес.
„Она што е неприфатливо за бугарските барања тоа е промената на историјата, идентитетот, јазикот и културата. Токму затоа размислувањата во ВМРО-ДПМНЕ за кој ќе се дискутира на вечерашниот Извршен комитет се на референдумот да се побара престанок на важноста на овој Договор со кој ќе се постават фундаментите за бугаризација и обезличување на Македонија. До таквиот референдум би се дошло со собирање на граѓански потписи а на иницијативата први потпишани ќе бидат раководството на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев во денешниот магазин на ТВ 21 Клик плус вели дека со референдумот само би се направило штета на европските интеграции на земјава.
„Преговорите се почнати, на 15-ти септември некаде треба и официјално почнува скрининг процесот, значи тој процес веќе тече, процесот е веќе почнат државата веќе тргна напред во таа насока и сега вие сакате да правите некои ретроградни чекори и некаков референдум кој што ќе има за цел, не знам каква цел ќе има освен внатрепартиска цел, за државата може да има само штетна цел, односно да ја враќа државата назад“, рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев.
Премиерот Димитар Ковачевски попладнево е во Софија на разговори со бугарскиот државен врв околу енергетската криза, но се очекува дека тој ќе разговара и околу најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за организирање референдум за укинување на Договорот, како и за уставните промени што ги бара Бугарија.
