Дали „сухоите“ се донирани на Украина? – Министерство за одбрана: Информацијата е класифицирана

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерство за одбрана без конкретен одговор дали на Украина покрај тенкови Северна Македонија ќе и донира и авиони, бидејќи тоа е класифицирана информација. Кога ќе биде декласифицирана тогаш јавноста ќе биде запознаена.

„Точните детали за сите три одлуки, нивната содржина и објаснување ќе бидат декласифицирани и транспарентно објавени. Со досега донесените одлуки не се нарушува борбената готовност на нашата армија, наведуваат од Министерството за одбрана“, велат од Министерството за одбрана.

Дел од медиумите објавија дека четирите воени авиони „СУ-25“ што Северна Македонија ги набави од Украина за време на конфликтот во 2001 година, деновиве му се донирани на Киев. Претходно, Северна Македонија и донираше тенкови Т -72 на Украина. На тоа реагираше официјална Москва. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова вчера изјави дека донацијата е голема грешка на властите во Скопје „со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас“.

МНР и МО со заеднички став дека Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност.

„Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независнот на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила“, велат МНР и МО.

Досега, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција.