Дали ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието? – Партискиот комитет без одлука, секој ден се откажуваат комисии

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема потврда, ниту објаснување за најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за разгледување на учеството на оваа партија во работата на Собранието.

Извршниот комитет на опозициската партија доцна синоќа одржа седница на Извршниот комитет, но дефинитивна одлука не е донесена, иако такво нешто беше најавено.

Во известувањето за заклучокот од состанокот на Извршниот комитет стои:

“ВМРО-ДПМНЕ ќе го следи развојот на ситуацијата и ќе реагира во одбрана на демократијата, интересите на граѓаните и државата“, велат од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ .

Меѓутоа денеска во Собрание не е виден ниту еден пратеник од оваа партија, а откажани се и комисиите кои ги водат пратениците од оваа партија. Станува збор за:

Комисија за финансии и буџет каде треба да помине
-Законот за игри на среќа
-Финансирање на Финансиска полиција
-Бришење на долгот наталожен од камати
Комисија за труд и социјална политика каде треба да помине
-Покачување на платите за 10% на вработените во високото образование за чие покачување се издвоени средства од буџетот за 2020
-Измени на Изборниот законик
Комисија за транспорт и врски каде треба да помине
-Законот за безбедност во сообраќајот со ој се овозможува продолжување на возачките дозволи за 70 годишните возачи на секои 5 години
Комисија за економски прашања каде треба да помине
-Законот за минерали

Од ВМРО-ДПМНЕ не беа достапни да одговорат дали откажувањето на комисиите значи бојкот на работата на Собранието.

Ова прашање му го поставивме на координаторот на парламентарната група на СДСМ, Костадин Костадинов. Тој рече дека тие самите треба да одговорат на ова прашање, но потсети на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Костадинов исто така извести дека ВМРО-ДПМНЕ испратила амандмани за сите закони кои се блокирани во комисиите.

Инаку, Мицкоски бојкотот на Собранието го базираше на обидот за усвојување на Законот за ЈО со кој мнозинството се обидува да обезбеди 80 гласа ЗА, на барањето за разрешување техничката министерка од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи и нераспуштањето на Собранието вчера на 12 февруари.