Општина Тетово соопшти дека во градот, конкретно околу просторот на Зелен пазар, ќе биде достапен бесплатен интернет (Wi-Fi), кој е овозможен од Европската Унија, пренесува ТВ21. Мрежата е поставена во рамки на иницијативата WiFi4WB, финансирана од Европската Унија и Владата на Сојузна Република Германија, а се спроведува од GIZ како дел од проектот EU4Digital.
Целта на оваа иницијатива е да се обезбеди бесплатен јавен интернет низ цела Македонија и Западен Балкан. Општина Тетово ќе биде една од 500-те општини во регионот кои ќе добијат WiFi4WB мрежа, по моделот на програмата WiFi4EU, која овозможи бесплатен интернет на околу 7.000 локации во Европската Унија.
Сите граѓани и посетители ќе можат бесплатно да се поврзат и да користат сигурна интернет конекција. Со оваа поддршка, Општина Тетово продолжува да ги унапредува јавните услуги и да ја зајакнува дигиталната поврзаност на локалната заедница.
Според Канцеларијата на ЕУ во земјата, од февруари 2026 година започнала имплементацијата на иницијативата WiFi4WB (WiFi за Западен Балкан), која предвидува поставување на бесплатни јавни Wi-Fi мрежи во 64 општини низ целата земја.
