Даниелсон назначен за медијатор на ЕУ во Грузија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Кристијан Даниелсон, поранешниот генерален директор на Европската комисија, денеска е назначен од страна на претседателот на Европскиот Совет како медијатор на ЕУ во Грузија.

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, вечерва најави дека Даниелсон ќе соработува со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, во обидот на ЕУ да помогне да се разреши политичкиот конфликт во Грузија.

Најавата доаѓа една недела по посетата на Мишел на Грузија каде ги охрабри сите страни да се вратат на преговарачката маса и да се посветат на политичкиот дијалог.

-Господинот Даниелсон ќе посредува во дијалогот помеѓу политичките партии во Грузија и ќе соработува од блиску со амбасадорот на ЕУ во Грузија, Карл Харцел, со цел надминување на политичките тензии во Грузија, соопштија од кабинетот на Мишел вечерва.

Грузија е ангажирана во партнерски процес со ЕУ. Брисел оцени дека може да помогне во медијацијата на политичките тензии помеѓу сите чинители во земјата и ги повика сите страни да соработуваат во конструктивен дух за “стабилна, демократска и реформска Грузија, способна успешно да напредува на својот про европски пат“.