Даноците – владин економски мотор? Владата ја гарантира нивната стабилност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стабилните даноци се гаранцијата на новата влада во трансформација на економијата. Владината предвидливост која деновиве ја најави премиерот Заев, оди во насока на предвремена најава доколку дојде до промени во делот на даночната политика.

„Данокот на добивка останува 10 проценти,…персоналниот данок на доход останува 10 посто“, рече Заев.
„Ќе имаме и одредено намалување на даноците се со цел да стимулираме развој на економијата посебно на новите технологии,информатичките технологии. Во 2021 година од 18 посто ќе паднат на 5 посто, 2022 на 3 посто и 2023 година на 0 проценти“, изјави Заев.

Преку разговор и со претходно осмислен систем, владата како што беше најавено ќе остане доследна и на воведувањето на прогресивното оданочување . Во иднина добивка би имале и претпријатијата кои се извозно ориентирани на тој начин што при увозот нема да плаќаат ДДВ за суровините и машините што им се наменети за извоз.

„Во делот на угостителството и туризмот пред се ресторанските услуги досега имавме два даноци 18 посто е на храна ако ја носите дома , ако ја јадете во ресторан е пет проценти. ТОА правеше голем проблем во овој дел од бизнисот,ќе имаме урамиловка односно 10 проценти данок за сите ресторански услуги.“, рече Заев.

Ќар од владините мерки би требало да имаат и земјоделците поради можноста од намалување на данокот во оваа област а би требало да следи и намалување од 18 на пет отсто за занаетчиските услуги.

Од идниот сет владини мерки ќе зависи во која насока ќе оди македонската економија, изјави неодамна во 10 минути на ТВ 21 универзитетскиот професор Никола Поповски. Тој не е изненаден од намалената економска активност во услови на пандемија.

„Намалената потрошувачка,намаленото производство, носи намалени даноци. Многу е важна целината на политиката колку ќе биде стимулативна за секторите кои се губитници од пандемијата и колку ќе биде Владата социјално ориентирана кон работниците што се жртви на таа пандемија и како тоа ќе се финансира.“, изјави Поповски.

Деновиве од министерството за финансии стигна и информацијата за намалување на приходите во Буџетот за 13,9 проценти во однос на истиот период лани. Кај даночните приходи се бележи месечно потфрлање и тоа кај ДДВ-то од 14,3 проценти, кај акцизите од 25 проценти, данокот на добивка од 28,9 проценти и персоналниот данок на доход од 10,4 проценти. Единствен раст е забележан само кај увозните давачки од 7,9 проценти