Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ порача дека најголемата работа ја има токму во поглавје на владеењето на правото, особено откако и Оценската мисија даде свои насоки за подобрување во овој сектор. Инаку, самиот Извештај на Оценската мисија содржи 40 препораки кои се однесуваат на Судскиот совет, мандатот на неговите членови, селекција и изборот на судиите, дисциплинските постапки, транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.
„Приоритетни области во Поглавјето 23 се правосудството, борба против корупцијата и темелните права и свесни сме дека највеќе задачи и најтешките задачи особено по доставувањето на Извештајот од Оценската мисија за Судскиот совет треба да бидат токму во овие области доколку сакаме да изградиме правна држава која сигурно ќе чекори на патот до полноправно членство“, вели Бојан Маричиќ.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски го поздрави планот за раст на Европската унија наменет за земјите од Западен Балкан. Но според него основната причина зошто Македонија не ги почнала преговорите е високото ниво корупција и криминал.
„Државата има слабо досие, има досие со кое што не може да се пофали пред голем број земји членки на Европската унија и истите не вршат притисок врз Бугарија и Бугарија буквално се изживува врз Македонија, наметнувајќи бескрајни услови кои што гледаме дека од ден во ден се зголемуваат зависно од тоа како има политички потреби во Бугарија. Но тоа го прават така затоа што никој не им врши притисок да го прават обратното а гледаме дека доколку се направи политички притисок тоа го видовме и на последниот состанок на Европскиот совет апсолутно можат да се променат овие работи“, вели Александар Николоски.
Претседателот на Комисијата за европски прашања пак Арбр Адеми не се согласува со ваквото тврдење, вели дека оценките од Европската комисија се поволни за нас но дека единственото нешто што не е направено се уставните измени.
„Во последниот на КОРЕПЕР на кој се усвои писмото за патоказите, тие не известија дека ова е последниот процедурален чекор во Советот за кој се согласни да дадат зелено светло пред да се усвојат уставните измени. Без уставните измени, останатите процедурални чекори во Советот и фактичкото отворање на кластерот ќе зависи од спроведувањето на уставните измени. Треба да сме свесни дека огромната работа за завршување на скрининг процесот ќе биде залудна и без позитивен резултат доколку не се усвојат измените во Уставот“, порача Арбр Адеми.
Двата патокази поврзани со владеењето на правото и реформи во јавната администрација, се значајни документи кои што треба да ги изработи земјава и од чии што одредници ќе зависи отворањето на првиот кластер при преговорите. Кластерот на владеењето на правото е првиот што се отвора а се затвора последен имајќи ги предвид прашањата кои ги опфаќаат.
