Дебата за законот за дивоградби, експертите велат законот е лош и треба да се повлече

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Викендици кои се на адреса различна од живеалиштето да не можат да се легализираат, предлага министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во преработениот текст на Законот за легализација на дивоградби. Тој истакна дека се исклучува и легализација во заштитени подрачја, а ќе важи за социјалните случаи.


„Сите оние кои што ќе сакаат да стават во правна рамка објект кој што е поголем од 80 или 100 метри квадратни нешто што е над критериумот на минимум простор за живеење на едно семејство, прогресивно да се плаќа повеќе заради тоа што тоа сепак не е социјална категорија на граѓани“, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.


Но голем број од учесниците во дебатата сметаат дека предлог законот е лошо решение. Професорката и поранешната министерка за правда Рената Дескоска вели дека законот има големи недоследности.


„Мислам дека е многу лошо решение и мојот предлог е да се направи разграничување, значи ако треба да се носи ваков закон за да се решат определени проблеми да се направи прво разграничувањето со урбаните и со оние рурални средини“, посочи професорката Рената Дескоска.


Ана Петровска директорката на Инспекторатот за животна средина прашува дали легализација на нешто што претходно било нелегално може да спречи натамошно бесправно градење.


„Некој се одлучува да гради заради тоа што добива сигнал од општинските власти дека нема да му се изврши инспекција односно нема да добие решение за рушење“, истакна Ана Петровска од инспекторатот за животна средина.


Според професорите на Архитектонскиот факултет се остава лоша порака и дека многу е важно пред да се дозволи легализација е дали тој објект ќе се вклопи во планската документација.


„Никако не смее со овој закон во член 17 да се потенцира можност за било каква легализација во заштитени зони, во културни предели, цел член 17 е спорен. Како може да легализираме објект на место каде што ќе има автопат“, изјави Дивна Пенчиќ од Архитектонски факултет.


Законот за легализација на бесправно изградените објекти кој беше донесен на почетокот на месецов со поддршка на власта и опозицијата, шефот на државата Пендаровски одби да го потпиша и беше вратен назад. По ова од Владата одлучија да организираат јавна расправа а потоа со коригиран текст ќе се врати во Собранието.