„Дефенс Њуз“: Северна Македонија денеска и официјално се прикличува кон НАТО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се очекува Северна Македонија денеска до американскиот Стејт Департмант да го достави ратификуваниот Протокол за членство во НАТО, со што земјата и официјално ќе стане 30-та членка на Алијансата, објави американскиот портал специјализиран за одбранбени прашања „Дефенс Њуз“.

Ваквиот чекор следи откако Шпанија минатата недела го ратификува Протоколот, како последна меѓу членките на НАТО, по што генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на 20 март упати писмо до премиерот Оливер Спасовки со кое официјално ја покани Северна Македонија да стане 30-та членка на Пактот, наведува порталот.

Стејт департментот во средата информира дека на 19 март 2020 година биле исполнети условите за „влегување во сила на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон Северноатлантскиот договор, изготвен во Брисел на 6 февруари 2019 година“.

– Протоколот стапи во сила на 19 март 2020 година во согласност со членот 2 од Протоколот, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Сепак, како што истакнува „Дефенс Њуз“, за договорот да биде комплетен, Северна Македонија мора да го достави својот „инструмент за пристапување“ до Стејт департментот.

Порталот наведува дека Амбасадата на земјава во Вашингтон потврдила дека документите ќе бидат доставени денеска во Стејт департментот.

По ова се очекува да уследи и официјална церемонија на подигнување на знамето на земјава пред седиштето на НАТО во Брисел, додава „Дефенс Њуз“.