Експресно без дискусии и со 10 гласа За и еден воздржан на Комисијата за избори и именувања помина кандидатот на албанската опозиција Абдуш Демири за член на Државната изборна комисија.
Седницата се одржува еден ден откако партијата на Аријанит Хоџа ја повлече кандидатурата на Зулфи Адили за член на ДИК поради што со месеци и на седници во многу напната атмосфера, не можеше да се утврди кандидат за испразнетото место во ДИК.
Претседателката на Комисијата Марија Георгиевска на денешната седница, на која никој не се јави за збор, имаше лесна задача.
„Предлогот на политичката партија Алтернатива, предлогот на политичката партија движење Беса и предлогот на политичката партија Демократско движење за член на Државната изборна комисија е да биде избран господинот Абдуш Демири. Предлогот на гореспоменатите партии за член на Државната изборна комисија да биде избран. Абдуш Демири го ставам на изјаснување. Ве молам да гласаме. Кој е За?“, вели Марија Георгиевска.
По утврдувањето на Демири за кандидат за член на Државната изборна комисија, неговиот избор, треба да се случи на пленарна седница и тоа со двотретинско мнозинство, односно со најмалку 80 гласови. Засега нема информации кога ќе се закаже седницата, но според расположението на Комисијата, на која и власта и опозицијата го подржаа Демири, се очекува со широк консензус да биде избран Демири како претставник на албанската опозиција.
„Мислам дека истиот принцип кој е почитуван и досега при составување и креирање на Државната изборна комисија треба и сега да се почитува. Порано ние сме гласале кога беа избрани членови на ДИК од страна на СДСМ, од страна на ДУИ и од страна на ВМРО-ДПМНЕ треба по истиот принцип и тие сега да го поддржат нашиот кандидат. Мислам дека денеска мнозинството покажа добра волја дека кога сака може да ги почитува законите и Деловникот на Собранието, ако денеска покажаа дека можат, би требало и на пленарна седница да го покажат истото“, вели Фадиљ Зендели.
По ова се очекува албанската опозицијата многу брзо да се врати во работата на парламентот која досега го бојкотираше Собранието токму поради кочењето на изборот на членот на ДИК од нивните редови.
