Во првото јавно појавување како министер за здравство, Илир Демири рече дека ќе продолжат сите проекти кои неговиот претходник Фатмир Меџити ги оставил на половина.
-Секој проект што е започнат ќе продолжи, ќе има континуитет во здравствениот систем и ќе се потрудиме во овој предизборен период максимално да се запазат сите законски норми, особено третманот на пациентите-вели Демири.
Но, изјавата на Демир се промени кога беше прашан конкретно за катните гаражи, проблем што ги засега сите пациенти во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Доскорешниот министер Меџити рече дека чека само потпис од вицепремиерот Артан Груби за да се реши проблемот со паркирањето, но Демири вели дека ќе го стопира проектот.
-Катните гаражи беа многу извикано ветување на претходниот министер и рече дека останало само уште еден потпис од Владата. Дали знаете до каде е проектот?
-Мислам дека тоа повеќе претставува предизборна политичка конотација отколку реална. Овој проект ќе биде прекинат, бидејќи во моментов нема услови да се реализира, вели Демири.
Иако беа добри пријатели и колеги, развојот на настаните во АА што доведе до поделба во две групи и разрешувањето на министрите кои го поддржаа Таравари, ги заладија односите меѓу Демири и Меџити. Меџити сѐ уште не му честитал на Демири на новата функција.
-Дали г.Фатмир Меџити ви честиташе на новата функција како министер?
-Искрено не.
-Тој рече дека сте добри колеги…
-Не само колеги, туку и пријатели. Сѐ уште не.
Го прашавме и екс-министерот, Фатмир Меџити. Тој не сакаше да ја коментира одлуката за стопирање на проектот за катните гаража. Но, кога го прашавме зошто не му честитал на пријателот и не направиле примопредавање на должноста, Меџити рече дека тоа ќе го направи по изборите.
-Примопредавањето ќе биде на 20 мај-рече Меџити.
Инаку, имајќи предвид дека сме во предизборен период, новиот министер за здравство, Демири вели дека и конкурсите што беа распишани за вработување на клиниките ќе бидат во прекин до изборите, а на здравствените работници ќе им бидат продолжени договорите.
