Попишувачите денеска правеа пауза. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски за ТВ21 рече дека не станува збор за технички проблеми, туку дека поради празникот, било одлучено да ги остават граѓаните да одморат.
„Денеска нема да работиме бидејќи е државен празник и ќе ги оставиме луѓето да одморат, ве молам овие денови да не ме барате за изјава.“, рече Симовски.
Во Кичево до сега се регистрирале 2000 граѓани, додека системот функционирал. Попишувачите од овој регион изгледа не биле информирани дека денеска не се работи.
„На 5 септември веднаш почнавме на терен, почнавме со попис на семејствата, домаќинствата и становите кои треба да ги има во системот за попис. Меѓутоа од вториот и третиот ден почна да паѓа мрежата и системот не функционираше за да продолжиме со работа. Еве и денеска чекаме од Заводот за статистика да почнеме со процесот за попис, меѓутоа до овие моменти системот не функционираше.“.
Проблеми со мрежата имало и на вториот ден од пописот, но по интервенцијата се било во ред. Пописот на населението и домаќинствата ќе се реализира до 30 септември. До тогаш продолжува и пописот на дијаспората.
