Деновиве состанок на работната група за новиот Закон за здруженија и фондации

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Работната група при Министерството за правда деновиве ќе закаже состанок на кој ќе се дискутира за новиот Закон за здруженија и фондации, информираат за МИА од Министерството за правда. Постоечкиот закон е донесен во 2016 година, а неговата примена во пракса покажа одредени слабости, оценуваат од Министерството.

До Министерството за правда, како што потенцираат, не е доставено барање за давање позитивно мислење за одобрение на името на здруженијата „Цар Борис Трети“ и „Цар Фердинанд“

Во април годинава во Битола беше отворен Културниот центар „Ванчо Михајлов“, потоа беше регистрирано Здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се споделува и информација дека и во Богданци се подготвува ново бугарско здружение кое според најавите треба да го носи името на Цар Фердинанд, татко на Царот Борис III.

Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија пред неколку дена соопштија дека со регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза.

Од Министерството за правда посочуваат дека работната група ќе ја разгледа анализата и ќе изготви првична драфт верзија на новиот Закон за здруженија и фондации. Притоа ќе се разгледуваат и сите отворени прашања кои се однесуваат на историските личности.

До сега се уште не е завземен став по однос на воведувањето регистар, но се очекува и ова прашање да се разгледа во наредниот период.

-Целта на овие измени на законот е подобрување на правната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на статусот на организацијата од јавен интерес, регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации како и начинот на нивно финансирање. Постојната правна рамка, со внимателно повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права е доволна за надлежните институции, ако се доведе во прашање називот на организацијата со одредена контроверзна историска личност, да ги следат и оценат суштински како програмските така и дејствијата на организацијата и нејзините членови пред да донесат каква било одлука за забрана на упис или забрана за дејствување, посочуваат од Министерството за правда.

Во нашето законодавство, слободата на здружување е уставно загарантирано право (член 20 став 1 од Уставот) и се остварува преку основање на здруженија, фондации и други субјекти.