Купишта расфрлано ѓубре, парчиња од стакла, измет и умрени животни – ваква е сликата кај зградата на поранешен „Технометал – Вардар“ која се наоѓа во строгиот центар на Скопје. Граѓаните велат срамно е да има има депонија во центарот на градот и побараа надлежните да превземат активности за расчистување на овој простор.
„Не е во ред, треба да се расчисти тоа. Требало тие што го купиле да го расчистат“.
ТВ21: Колку време е овде ѓубрето?
„Па, два месеци сигурно“.
„Не во ред, треба да се види кој го земал и зошто не го средил кога веќе го купил“.
„Тоа е страшно, ваква депонија во сред центар во ниту еден град нема“.
„Секако, строг центар да има вакво нешто е срамота“.
„На само педесет метри од улица Македонија во центарот на Скопје има депонија која со месеци наназад никој не ја чисти. Кој е одговорен да ја исчисти оваа депонија?“, вели репортерот на ТВ21.
Одговорност за депонијата никој не превзема. Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ велат дека сопственикот на објектот има обврска да го исчисти просторот.
„Објектот за којшто прашувате е приватен имот и неговото чистење е обврска на сопственикот. Доколку надлежен инспекциски орган констатира дека поради состојбата на објектот постои можност за загрозување на јавното здравје, тогаш треба да биде упатен соодветен налог за расчистување на дивата депонија до сопственикот на објектот. Доколку од страна на сопственикот не биде спроведено расчистување, инспекциските органи праќаат налог до ЈП Комунална хигиена – Скопје. Претпријатието досега нема добиено налог за интервенција во овој објект од ниту еден надлежен инспекциски орган“, велат од Комунална хигиена.
Со сличен став е и општина Центар. Градоначалникот Горан Герасимовски во телефонски разговор за ТВ21 рече дека во четвртокот бил извшрен инспекциски надзор и на сопственикот на објектот му била дадена опомена за расчистување на објектот.
„По добиената пријава, во четвртокот направен е записник и доставена опомена до сопствениците за расчистување на теренот. Доколку во законски предвидениот рок сами не го исчистат просторот ќе им биде пишана казна, а општината ќе превземе активности за расчистување на просторот“, велат од Општина Центар.
Од „Буши фешн“ преку соопштение побараа да не се шират неточни информации затоа што досега не добиле никаква опомена за чистење на шутот од страна на надлежните органи. Велат дека објектот неколку пати бил исчистен од нивна страна, но постојано бил мета на крадци, поради што истиот бил ограден повеќе пати и заштитен за да не се загрозува безбедонста на минувачите.
„Шутот кој што се наоѓа во околината на објектот не е градежен шут туку шут кој се фрла од граѓаните во околина. До денес не сме примиле никаква опомена за чистење на шутот од страна на надлежните органи. Ве известуваме дека од утре ќе се се превземаат дополнителните активности од наша страна како сопственици на објектот за чистење и фрлање на шутот“, велат од компанијата.
Зградата на поранешна „Технометал – Вардар“ се наоѓа во близина на Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Јавното претпријатие за државни патишта, ЈП „Македонија пат“, ЈП „Градски паркинг“, седиштето на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, но досега ниту еден од министрите, директорите, советниците и раководителите кои работат во овие институции не се пожалил за ѓубрето врз кое секојдневно газат.
