Мал авион со 10 патници се урна во продавници во центарот на туристичкиот град Грамадо на југот на Бразил во неделата, соопштија претставници на цивилната заштита, а првичните извештаи покажуваат дека нема преживеани.
„За жал, првичните извештаи покажуваат дека патниците во авионот не преживеале“, објави гувернерот Едуардо Леите на X.
Според канцеларијата за јавна безбедност на државата Рио Гранде до Сул, најмалку 15 лица се префрлени во болница, од кои повеќето се задушени од чад предизвикан од пожарот.
Авионот, наводно, прво удрил во оџакот на зградата, а потоа во вториот кат од куќата, пред да удри во продавница за мебел, соопштија властите. Остатоците од авионот стигнале и до блиската гостилница.
Грамадо се наоѓа во планински регион и е најпопуларна туристичка дестинација во државата Рио Гранде до Сулу, која беше сериозно погодена од поплавите на почетокот на оваа година, кои однесоа десетици животи, уништија инфраструктура и значително ја нарушија економијата на државата.
Несреќата се случила само неколку дена пред Божиќ, особено напорен период за традиционално украсениот и празничен град.
