Десет нови летови треба да ги поврзат македонските патници со Европа и со Азија, најавува ТАВ Македонија. Од крајот на октомври, започнува зимскиот распоред на летови 2025/26 со кој аеродромите во Скопје и Охрид добиваат нови дестинации и обновени линии.
-Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година за Меѓународниот Аеродром Скопјe вклучува редовни и чартер летови, односно 49 редовни дестинации кои ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании и 13 чартер дестинации кои ќе ги опслужува една авиокомпанија. Покрај новите 10 дестинации, кои ќе бидат вистинско освежување во овој зимски распоред, нема поголеми промени од претходните зимски распореди, вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Меѓу најочекуваните летови се новите линии до Бари, Стокхолм и Базел, кои стартуваат на 27 октомври. Ден потоа, на 28 октомври, Скопје првпат ќе се поврзе со Мадрид, а повторно ќе се воспостави и летот до Ларнака.
Како што е најавено, на 15 декември треба да почнат летовите за Прага и за Келн. Кон крајот на март 2026 година, според најавеното, Виз Ер ќе ја врати линијата Скопје–Будимпешта и ќе воведе нова кон Неапол, додека Охрид ќе добие врска со Милано. Десеттата нова рута е Женева, која ИзиЏет ја обновува на 3 ноември.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Курт вели дека тимот веќе преговара со авиокомпании за директни линии со Данска, Финска и Блискиот Исток. Паралелно, се подготвува засилена поврзаност со Шпанија и со Обединетото Кралство.
