Десетина дена чекање за корона-тест, граѓаните ги „преплаивија“ приватните лаборатории

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради немање слободни термини доколку сакате да направите тест на корона, ќе мора да чекате дури до 11 дена. Лекарката и претседателка на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова-Дервишова, вели дека за овој проблем имале и состанок со раководниот одбор и дошле до заклучок дека лекарите од сите градови се соочуваат со потешкотии при закажување термин за тестирање во државните лаборатории, како во Институтот за јавно здравје, така во Центарот за јавно здравје.

Поради тоа граѓаните кои се сомневаат или кои имаат симптоми на коронавирус се упатуваат во приватните лаборатории. Лекарката Чолакова вели дека едно петочлено семејство ќе го чини многу доколку се тестира во некоја приватна лабораторија.

Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, негира дека има некаков проблем или недостиг на тестови. Како што објаснува, имало случаи кога биле правени над илјада тестови на ден, па затоа вели дека е можно проблемот да е во системот „Мој Термин“.

-ИЈЗ во кризниот период напролет правеше до 1.400 тестови на ден, а сега правиме максимум 400-500. Го немаме притисокот и напливот барања за откривање на вирусот Ковид-19. Можеби е технички проблем за кој треба да се обратите во „Мој Термин“-вели Шабан Мемети.

ТВ21 контактираше и со директорот на Управата за електронско здравство – Мој Термин, Рефик Мустафи, но тој рече дека кај нив нема никаков проблем за закажува термини. Инаку, во извештајот на Министерството за здравство е нотирано дека најголемиот број тестирања се направени во приватните лаборатории, а само мал број во државните.