Детали од несреќата: Нема преживеани во падот на воен авион со 32 лица во Нигерија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Воен авион со 32 лица се урна денеска во јужниот дел на Нигерија, при што нема преживеани, потврди нигерискиот претседател Бола Тинубу.

Авионот бил на рутински лет кон Лагос, најголемиот град во Нигерија, кога се урнал во близина на местото Игбокода во сојузната држава Ондо. Несреќата ја потврди нигерискиот министер за воздухопловство Фестус Кејамо.

Во авионот имало 25 патници и седум членови на екипажот. Леталото се урнало во близина на поморска база.

„Началникот на штабот на воздухопловните сили ме информираше за настанот и наложив нигериските воздухопловни сили веднаш да започнат темелна истрага за причините за падот, со цел ваквите инциденти да се спречат во иднина“, наведе Тинубу во соопштение.

Локалните жители велат дека авионот се урнал во близина на река, а делови од остатоците потонале во водата.

„Слушнавме звук сличен на удар од гром“, изјавил локалниот жител Акинбулејо Пиус. Според него, авионот соборил неколку дрвја при падот.

„Пронајдовме делови од телата, облека и обувки“, раскажал тој.

Министерот Кејамо претходно соопштил дека авионот со ознака НГР 931 исчезнал од радарот околу 9 часот по локално време, кратко откако полетал од Бенин во 9:13 часот.

Сите обиди за воспоставување радиокомуникација со авионот биле неуспешни. Подоцна Кејамо преку социјалната мрежа „Икс“ потврдил дека леталото се урнало во близина на поморската база во Игбокода.

„Последователните информации потврдија дека воениот авион се урнал во близина на поморската база во Игбокода, во државата Ондо. Остатоците се лоцирани, а операциите за потрага и спасување се во тек. Прелиминарните информации укажуваат дека во авионот имало 25 патници и седум членови на екипажот“, напиша Кејамо.

Станува збор за модел на авион кој претходно бил користен за разузнавачки и извидувачки задачи, како и за транспорт на персонал.

Нигериските власти најавија темелна истрага за причините за несреќата.