Детали за трагедијата во Белград: Убиени осум ученици и чуварот на основното училиште

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Осум ученици и чуварот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград настрадаа во пукањето од страна на ученик од седмо одделение, пренесува порталот „Н1“, а потоа потврди и министерството за внатрешни работи.

Порталот „Нова С“ пренесува дека почина и една наставничка, која подлегнала на повредите, но веста не е официјално потврдена.

Очевидците раскажуваат дека ученик од седмо одделение со пиштол отворил оган на час по историја при што убиени се неколку деца, а голем е бројот и на повредени. Дел од нив се пренесени во болниците во Белград, каде им се укажува помош.

Татко на една ученичка која била во училницата каде се случил немилиот случај сведочи дека напаѓачот најпрво пукал во наставничката, а потоа кон учениците.

Чуварот наводно успеал да се испречи пред напаѓачот и со тоа спасил поголема трагедија, пишуваат медиумите во Србија.

За попладне е најавена прес-конференција на надлежните органи, кои ќе соопштат повеќе детали околу оваа трагедија.