Полицијата во Скопје уапси 19-годишник од селото Бојане, осомничен за убиство на 18-годишно момче од истото село. Според Министерството за внатрешни работи, настанот се случил на 15 мај 2026 година во шума во близина на Сарај, а осомничениот бил приведен на 17 мај во раните утрински часови.
Осомничениот М.Б. го признал делото, а полицијата ги пронашла телото на жртвата и оружјето со кое, според сомнежите, е извршено убиството. Против него ќе биде поднесена кривична пријава за „убиство“.
„На 17.05.2026 година во 00:50 часот во селото Бојане, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода М.Б. (19) од Бојане, поради основано сомнение дека сторил кривично дело ‘убиство’ по член 123 од Кривичниот законик. Претходно, на бројот 192 се јавил неговиот татко И.Б., кој пријавил дека М.Б. му признал оти на 15.05.2026 година во шума во близина на Сарај, со огнено оружје го убил Б.Д. (18) од Бојане. Полициските службеници го привеле осомничениот, а биле пронајдени и телото на жртвата и оружјето со кое се сомнева дека е извршено убиството“, изјави Гоце Андреевски.
Од Основното јавно обвинителство информираат дека е побаран 48-часовен краткотраен притвор за осомничениот, додека продолжува постапката за прибирање докази. Издадена е и наредба за обдукција на телото на починатиот.
„Постои основано сомнение дека кривичното дело ‘Убиство’ според член 123 став 1 од Кривичниот законик го извршил 19-годишник од истото село, кој е лишен од слобода. Со оглед дека прибирањето на доказите е во тек, а постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и прикривање траги, како и ризик од повторување на делото, јавниот обвинител побара определување краткотраен притвор од 48 часа до обезбедување на сите докази и формално отворање на истрагата“, соопштија од Обвинителството.
