18 деца позитивни на корона вирусот се лекуваат на Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле. Две од нив се на кислородна поддршка. Здравствената состојба на децата е добра.
„На институтот Козле во моментов има 18 деца, значи на возраст од 0 до 18 години. Вкупно 70% од ни в се од 12 до 18 години. Во моментов само две деца кои се хоспитализирани имаат потреба од кислородна поддршка, општата состојба на децата е стабилна, меѓутоа во моментов имаат потреба од хоспитализација и многу деца поради дехидратација кои треба да примаат инфузија за подобрување на нивната состојба“, истакна Бесник Зеќири.
Зеќири вели дека во последниве две недели има лесен пад на бројот на хоспитализирани, но оваа бројка никогаш не паднала под 15 пациенти. Има помалку бебиња кои се позитивни на Ковид 19, а расте бројот на позитивни деца од школска возраст.
„Повеќе имаме деца од школска возраст, всушност тие кои одат на училиште и тој е синџирот кој прави кај овие деца да има повисоки бројки на хоспитализирани“, додава Бесник Зеќири.
Според извештајот на ИЈЗ од минатата недела, кај децата на возраст од нула до 9 години има пораст на позитивните случаи за 70% во споредба со претходната недела. Што се однесува до оваа група деца, за една недела се регистрирани 114 позитивни случаи.
