Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Министерството за внатрешни работи треба да утврди кога може да биде отворена паралелка на Албански јазик во Средното полициско училиште „7 Мај“. Мицкоски посочи дека, покрај албанскиот јазик, доколку бидат исполнети условите, во училиштето ќе има паралелки и на ромски и на турски јазик.
„За ова ќе треба да го прашате Министерството за внатрешни работи, тие ќе ви дадат одговор. Како Влада, кажавме за она за што бевме прашани, односно, согласно закон, ќе биде формирана паралелка во која учениците ќе можат да се образуваат на албански јазик. За да бидам попрецизен, ако има интерес на турски јазик, ќе се изучува на турски, а ако има паралелки на ромски јазик, ќе се изучува на ромски. Бидејќи очигледно тоа е единственото нешто што ве интересира, одговарам на ова прашање, затоа што сите граѓани на оваа држава го полнат буџетот. Знаете, не можете да пиете од овој дел од шишето со вода само затоа што вие така сакате. Така и буџетот – кога се полни, се полни од сите“, рече Мицкоски.
