На барање на Косово, Македонија активираше хеликоптер за гаснење пожар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија стави свои државни ресурси на располагање на Косово за справување со големиот пожар што ја зафати соседната земја. Помошта е активирана по официјално барање од косовските власти, во рамки на меѓудржавната соработка за справување со природни непогоди.

Центарот за управување со кризи информира дека по приемот на барањето биле преземени активности за навремено активирање на македонските капацитети. Во координацијата биле вклучени директорот на ЦУК Мухамед Али и раководителот на Главниот штаб, Стојанче Ангелов, заедно со надлежните институции.

Во рамки на помошта, хеликоптер на Министерството за внатрешни работи интервенирал во реонот на Хани и Елезит, каде им дал поддршка на екипите што се борат со пожарот.

Од ЦУК посочуваат дека ангажманот на македонските ресурси претставува дел од подготвеноста на земјата да обезбеди помош и поддршка на соседите кога тоа е потребно.

Ангажирањето на ресурсите надвор од територијата на Македонија е реализирано во рамки на меѓудржавната помош за справување со пожарот.