Од зоолошката градина во Сан Диего, во американската сојузна држава Калифорнија, потврдија дека девет мајмуни добиле експериментална вакцина против Ковид-19 правена за животни по избивањето на епидемија меѓу горилите во зоолошката, пренесе Би-Би-Си.
Би-Би-Си наведува дека четири орангутани и пет боноба мајмуни влегле во историајта кога добиле по две дози од вакцината направена од компанијата Зоетис.
Меѓу вакцинираните е и 28 годишна женка орангутан по име Карен, која во 1994 година била првиот мајмун на кого му е изведена операција на отворено срце. Од зоолошката велат дека ниту еден од мајмуните немал лоша реакција на вакцината и дека сите се добро.
Осум горили во оваа зоолошка градина станаа првите големи мајмуни на светот кои во јануари имаа позитивен тест на Ковид-19 и тие сега се опоравуваат, пишува Би-Би-Си.
Експертите за заштита на природата се загрижени поради тоа што Ковид-19 претставува закана за големите мајмуни, а најмногу за горилите.
Би-Би-Си пренесува дека горилите сега не се вакцинирале поради тоа што ветеринарите оцениле дека нивниот имунолошки систем веќе развил антитела за борба против вирусот.
