9 полициски службеници се уапсени синоќа на граничниот премин Табановце. Меѓу нив има и командири на граничниот премин, заменик командирот, шефот на смена и 6 други полицајци. Поради апсењата се создадоа долги колони и 3 часа чекање на граница, односно во времето кога во Македонија пристигнуваат печалбарите за новогодишните празници. Првиот човек на полицијата, Оливер Спасовски денеска одржа средба со новинарите но во врска со овие случувања не сакаше да даде изјава пред камера. Од тоа што го појасни, е дека уапсените полицајци се сомничат за поткуп и злоупотреба на службената должност.
-Тоа што се случи на граничниот премин Табановце е дел од борбата против корупцијата. Синоќа беа уапсени 9 лица од Секторот за спречување организиран криминал при МВР. Уапсени се за злоупотреба на службената должност и овластувањата, како и земање поткуп“, вели Спасовски.
Акцијата ја спроведе МВР во соработка со Обвинителството за следење организиран криминал и корупција. Според информациите, парите се пронајдени во кутии со цигари, а уапсените не ја признале вината, правдајќи се дека парите се нивни но дека некој ги наместил.
-Извршен е претрес и во објектите каде што работат и во нивните домови, со цел да се најдат бараните предмети поврзани со кривичните дела. Така, во текот на денешниот ден се работи на понатамошните постапки и расчистување на случајот-вели Спасовски.
Ист случај за земање поткуп од страна на полициски службеници се случил и на граничниот премин Блаце. Министерот Спасовски соопшти дека во текот на 2022 во соработка со Обвинителството за следење криминал и корупција се откриени 124 кривични дела поврзани со корупција а најголем дел од сторителите на делата се вработени во државни институции, јавни институции и јавни претпријатија
