Се уште не сум добил никаква иницијатива, а откако ќе ја добијам, ќе ја разгледам да видам што бараат па потоа ќе се произнесам како ќе постапам.
Ова е ставот на собранискиот спикер Талат Џафери на прашањето на ТВ21 како ќе одговори на ваквата иницијатива.
Од СДСМ потврдуваат дека собираат потписи за свикување седница на Собранието согласно Уставот, и таа иницијатива најдоцна до утре ќе ја достават до спикерот Џафери.
Тие се повикуваат на член 67 од Деловникот во кој се предвидува дека „претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници“.
Исто така и на член 63 став 4 од Уставот во кој се наведува – „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.
„Добро е да се свика Собранието имајќи го во предвид времетраењето на оваа здравствена криза, но секако и потврдувањето на одлуките на претседателот на државата. Оваа иницијатива единствено води во таа функција, сите шпекулации за наводен обид на нашата пратеничка група за тргнување на претседателот на Собранието Талат Џафери секако дека ги отфрламе. Секако, правиме консултации и со пратеници од други пратенички групи со кои го делиме истото мислење“, вели Костадин Костадинов.
Од ДУИ велат дека не се запознаени со иницијативата на СДСМ.
„Досега не е побарана поддршка или консултација за ова прашање. Во однос на сите прашања поврзани со тековната состојба која што ги засега сите граѓани подеднакво, би било добро да се решаваат со општ консензус и широка поддршка. Консензуално го распуштивме Собранието исто така консензуално ги одложивме и изборите. Секако ќе ја разгледаме иницијативата штом се достави во Собранието“, велат од ДУИ.
Поддршка на иницијативата дојде од ДПА. Претседателот на партијата Мендух Тачи покрај ова рече и дека е потребно формирање широка коалиција.
„Ние сме парламентарна демократија. Собранието ја контролира извршната власт. Ако во одредени моменти како што сега се наоѓаме, имаме вонредна ситуација, постои огромна опасност Владата да дејствува без парламентарна контрола. Мислиме дека на првата седница на Собранието ќе треба да се дискутира за Влада на национално единство во која ќе учествуваат сите парламентарни партии“, истакна Мендух Тачи.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржуваат иницијативата на СДСМ, велат, станува збор за иницијатива на поранешни пратеници.
„Било каков чекор кој е надвор од договореното и прифатеното од политичките лидери на последната лидерска средба ќе претставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус. Очигледно станува збор за две работи, или Заев си влегува во приватни аранжмани и комбинации со пратеници, или пак е преголема желбата да се лови во матно“, додава Владимир Мисајловски.
Македонија влезе во втор месец откако е прогласена вонредна состојба поради опасноста од ширење на вирусот Ковид 19. Претседателот Пендаровски на два пати го повика спикерот Џафери повторно да го свика Собранието за парламентот да ги потврди неговите одлуки. Но иако според Уставот парламентот е во постојано заседание, Џафери остана на ставот дека еднаш распуштено Собранието не може повторно да се свика.
