Во ДУИ е замрзнато членството на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и понатаму институциите ќе си ја вршат својата работа, ова е ставот на претседателот на Собранието Талат Џафери кој го изнесе на брифингот со новинарите. Прашан дали партијата ќе побара одговорност од Мерко, тој рече дека за градоначалничката функција нема да коментира бидејќи тоа е друга власт која произлегува од волјата на граѓаните. Партијата не сугерира што ќе правите со себе, тоа е лична одлука истакна тој. Сепак во изјава пред камерите Џафери само кусо одговори за одлуката на Соединетите Американски Држави да го стават Мерко на црната листа.
„Ставовите на дипломатските претставништва во земјава не се предмет на оценка на Собранието на Република Северна Македонија. Мислам дека тоа го дебатиравме внатре и нема потреба од поинаку, нема ништо промена во она што е ставот мој по однос на тоа прашање“, вели Талат Џафери.
Во однос на уставните измени Џафери рече дека иницијативата се уште не е доставена до Собранието и таа и натаму е во владина процедура. Сепак, дури и деновиве да биде испратена во законодавниот дом Собранието нема веднаш да почне со дебата за утврдување потреба за уставни измени, бидејќи за тоа треба да поминат 30 дена. Тоа значи дека и во јули пропаѓа можноста Собранието да ја започне работата за уставните измени, а многу е веројатно да пропадне одморот на пратениците во август доколку тогаш се почне со дебатата.
„Прашањето е кога ќе добиеме материјали и од тогаш почнуваат постапките, процедурите и роковите да течат, не зависи од тоа дали ќе биде август дали ќе биде јули. Во првата фаза, фактички од приемот до седницата мора да поминат минимум 30 дена, затоа што во тие 30 дена, максимум 10 дена треба да работи Комисијата која што треба да заврши 8 дена пред денот предвиден за одржување на седницата и кога ќе ги соберете деновите испаѓа 30 дена треба да има од свикување до одржување на седницата и на самата седница максимум 10 дена трае дебатата“, додаде Талат Џафери.
Но шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој е во Брисел на средба со претседателот на Европската народна партија Манфред Вебер рече дека нема да прифати договор под бугарски диктат, но не е познато дали мисли на уставните измени бидејќи нив не ги спомнува туку зборува за договор. Мицкоски се пожали и дека Владата ја кодошела опозицијата во Брисел.
„Единствената цел им е да ја кодошат опозицијата овде во Брисел и да бараат од луѓето од Брисел да вршеле притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да прифати договор кој што ниту го преговарала, ниту учествувала во него а предупредила дека нема намера да го прифати. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков договор кој што ќе биде под бугарски диктат. Тоа е основната и суштинската порака која што овде во Брисел ја пренесовме, ќе продолжиме да ја пренесуваме а која што се темели на нашите факти и аргументи“, вели Христијан Мицкоски.
Предлогот на иницијативата за уставните измени и натаму е во владина процедура по што треба да биде доставен во Собранието за да се почне работата за промена на највисокиот правен акт.
