Повеќе од две недели траеше дебатата за тоа дали треба или не пратениците да се вратат во Собрание. На оваа драма и стави крај Уставниот суд кој не го разгледа распуштањето на Собранието кое се случи на 16 февруари што беше побарано од судијата Осман Кадриу.
Мотивот на судијата Кадриу беше едноставен, да се свика повторно Собранието за да се стабилизира функционирањето на институциите, извести секретарот на Уставен суд, Александар Лазов.
„Дебатата за ова прашање траеше еден час и половина и сите 9 судии изградија став дека не постојат услови да се прифати оваа иницијатива. Значи иницијативата не е прифатена. Мотивот во суштина беше тоа што се објави во медиумите, дека одлуката не е содржинска од законски аспект дека институциите се блокирани“, истакна Александар Лазов.
Обид за враќање на Собранието се направи преку иницијативата доставена во Собрание од пратеници на СДСМ, АА, Алтернатива, ДПА и Движење Беса. Иницијативата имаше за цел да се свика итна седница со две точки на дневен ред: Потврдување на вонредната состојба и нејзиното продолжување од страна на претседателот Стево Пендаровски. Седница не се свика, а имаше експерти кои велеа дека седница да се свика без согласност на првиот човек на собранието. Сепак, Талат Џафери вели дека било каков обид за свикување на седница без согласност од претседателот на законодавниот дом, ќе претставува “државен удар“.
„Ова е државен удар и ништо друго. Парламентот е дефиниран со Устав, орган кој ги претставува граѓаните. Не е било каков орган. Граѓаните даваат мандат за 4 години кој може да се продолжи само доколку во периодот на избори, во последните 90 дена се прогласи вонредна или воена состојба“, посочи Талат Џафери.
Оваа изјава од СДСМ рекоа дека ќе ја почитуваат, но побараа писмен одговор на иницијативата а не преку медиумите. Ниту денеска нема писмен одговор.
Инаку, целата оваа драма доаѓа во време кога државата е во вонредна состојба поради пандемијата со коронавирусот која го одложи одржувањето на изборите кои требаше да се одржат на 12 април.
