По проблемите околу тоа кој треба да седне на седмото столче во Државната изборна комисија Абдуш Демири како претставник на албанската опозиција конечно стигна да даде свечена изјава со што ДИК и официјално се комплетира. Демири најави дека уште од денеска ќе почне да ја извршува својата должност.
„Конечно албанската опозиција го доби својот член во ДИК. Не знаеме зошто овој процес се одолговлекуваше иако со закон местото беше резервирано за албанската опозиција. Но сепак, еве денеска дадов свечена изјава и заедно со претседателот ќе одиме во канцелариите на ДИК за да ги вршам моите задачи и одговорности според Изборниот законик“, рече Демири.
Претседателот на ДИК Александар Даштевски рече дека бил оптимист дека и покрај блокадите, сепак ќе се комплетира составот на Комисијата со сите 7 членови. Запрашан околу проблемите со издавањето на личните документи со кои значителен дел од граѓаните кои не успеале да ги сменат нема да можат да гласаат, тој рече дека до Собранието е даден предлог за измена на Изборниот законик со кој ќе се овозможи да се гласа со старите документи.
„Ние дадовме предлог како Државна изборна комисија веќе се наоѓа во Собрание, во Изборниот законик да се направи измена во која што ќе има преодна одредба само за овие избори да важат старите важечки документи за изборите за да може сите граѓани, правото еден гласач еден глас да се оствари на сите. Дали тоа ќе се усвои или не тоа зависи од Собранието.“, изјави Даштевски.
Комплетирањето на Државната изборна комисија долго време се одолговлекуваше бидејќи од Алијанса за Албанците инсистираа дека кандидатот на партијата на Аријанит Хоџа, Зулфи Адили треба да биде избран. Проблемот се реши откако Адили ја повлече кандидатурата откако беше именуван за директор на Агенцијата за странски инвестиции.
