Македонската тенисерка Лина Ѓорческа испиша историја во македонскиот тенис, откако обезбеди пласман во главниот жреб на Вимблдон и стана првата македонска тенисерка која ќе настапи во поединечна конкуренција на најпрестижниот тениски турнир во светот.
Во финалното коло од квалификациите, Ѓорческа убедливо ја совлада Италијанката Лусија Бронцети со 2:0 во сетови (6:1, 6:2), по само 73 минути игра.
До историскиот успех, македонската тенисерка стигна со три победи во квалификациите. Претходно ги елиминираше Шпанката Анхела Фита Болуда и Португалката Франциска Жорге, а во решавачкиот меч беше подобра и од Бронцети, која беше 20. носителка во квалификацискиот турнир и се наоѓаше дури 96 места погоре од Ѓорческа на ВТА-листата.
Првиот сет започна со брејк за Италијанката, но потоа следуваше доминација на Ѓорческа, која освои шест последователни гема и го доби сетот со убедливи 6:1.
Во вториот сет Бронцети поведе со 1:0, но македонската тенисерка покажа огромна борбеност, спасувајќи осум брејк-топки во вториот гем пред да израмни на 1:1. Потоа веднаш направи брејк и го презеде целосно контролата врз натпреварот. До крајот на мечот Ѓорческа освои уште еден брејк, стигна до водство од 5:2 и сигурно го приведе мечот кон крај за големо славје и историски пласман на Вимблдон.
Ждрепката за главниот турнир ќе биде одржана утре, кога Ѓорческа ќе го дознае својот прв противник на тревните терени во Лондон.
