„Дилемите решени – Македонија ги почна преговорите со ЕУ“ – Османи со отчет за сработеното во првите две години од мандатот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Успеавме во последен миг да ја извлечеме државата од балканскиот вртлог и да ја лансираме во еден неповратен пат на европеизација, стабилизација и зголемување на стандардот на граѓаните, изјави министерот Бујар Османи на прес-конференција на која даде отчет за сработеното во првите две години од неговиот мандат. Според него, трите клучни достигнувања се усвојувањето на преговарачката рамка, невклучувањето на историските прашања во пристапниот процес и првата безусловна Меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.

-Сметам дека постигнавме 3 клучни елементи и фактори кои се важни за нашите интереси, а тоа се: преговарачката рамка која беше усвоена едногласно од 27 земји-членки, вклучувајќи ја и Република Бугарија, во која македонскиот јазик е без додавки и фусноти, со што се заокружува прашањето на меѓународното етаблирање на јазикот, како што сакаа граѓаните, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

И додека опозицијата тврди дека Северна Македонија не ги стартувала преговорите со ЕУ, Османи уверува дека тоа се шпекулации и побара во однос на ова прашање да нема никакви дилеми.

– Тука сакам да ги демантирам сите шпекуалции и дилеми дали има или нема почеток на преговори, бидејќи на 19 јули, после 6.361 ден поминати со кандидатски статус, 17 години, Северна Македонија ги почна преговорите со ЕУ. Со започнување на скринингот кој што почнува за две недели, ќе почне и разгледувањето на првата група бази, што значи дека скринингот е еден од најсуштинските елементи на преговорите, бидејќи ги отфрла патоказите, а поглавјата се само имплементација, додаде Османи.

Османи истакна и дека односите со Албанија и Србија се зајакнати благодарение на Иницијативата „Отворен Балкан“. Шефот на дипломатијата потсети и на решавањето на спорот со Србија во однос на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Во врска со односите со Косово, тој рече дека на Меѓувладината конференција се потпишани 11 нови договори со што бројот на билатерални договори со оваа земја се искачи на над 40.