Собранието ги усвои измените на Законот за органодарителство: Нов пристап, граѓаните одлучуваат сами со изјава кај матичиот лекар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Секој полнолетен граѓанин ќе може лично да се изјасни дали по смртта сака да биде дарител на органи – преку изјава кај својот матичен лекар. Со ова решение, Собранието со 58 гласа „за“ и 6 „против“, ги усвои измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со што се менува пристапот кон органодарителството и трансплантацијата во земјата.

Новото законско решение предвидува изјавата да се евидентира преку посебен дигитален модул во системот „Мој Термин“, а граѓаните во секој момент ќе можат да ја променат или повлечат својата одлука. Целта, според образложението на измените, е да се обезбеди појасно изразување на личната волја, поголема доверба во системот и подобра информираност за органодарителството.

Образложувајќи го законот пред пратениците, министерот за здравство Азир Алиу порача дека трансплантацијата не е само медицинска процедура, туку прашање на човечка солидарност и надеж. „Трансплантацијата не е само медицинска постапка, туку е живот, надеж и можност еден човек и по неговата смрт да продолжи да живее преку животот на некој друг“, рече Алиу.

Тој нагласи дека измените не се сведуваат само на административни правила, туку претставуваат порака за тоа каков здравствен систем се гради. „Измените кои ги предлагаме не се само правни и административни, туку се една порака дека нашиот здравствен систем се гради врз достоинството на човекот, солидарноста и почитувањето на личната волја“, истакна Алиу.

Покрај можноста за лично изјаснување, законот предвидува и проширување на кругот на можни живи дарители – до четврт степен на сродство, при што секој случај ќе биде предмет на проценка од Етичка комисија која треба да потврди дека одлуката е доброволна и без ризик од злоупотреба или трговија со органи.

Министерот посочи и дека дигиталната евиденција ќе има и поширока општествена улога – државата конечно ќе добие појасна слика за тоа колкав е интересот за органодарителство и каде постои потреба од дополнителна едукација и градење доверба. Во таа насока, Алиу најави и личен пример, велејќи дека кога системот ќе почне да се применува, тој ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител.

Со усвојувањето на законот, органодарителството добива појасна правна и техничка рамка, но суштинската одлука останува кај самиот граѓанин.