Димитриеска-Кочоска на средби со ММФ во Бангкок: Фискалната дисциплина и поддршка на економскиот раст – клучни приоритети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за финансии вложува напори и спроведува активности за имплементација на реформите во доменот на упраувањето на јавните финансии и спроведување дисциплинирана фискална политика со постепено намалување на буџетскиот дефицит, а при тоа да не го загрози растот, што ја носи државата напред и создава услови за подобар животен стандард на граѓаните. Ова го нагласи министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска на состаноците со високи претставници на ММФ во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ што годинава се одржуваат во Бангкок, Тајланд.

На состаноците со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Матеуш Шчурек, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик и заменик-извршниот директор, Марникс ван Рај, Димитриеска-Кочоска истакнала дека клучен приоритет за Владата и Министерството за финансии е да се оствари определбата за фискална консолидација на среден рок согласно Фискалната стратегија и истовремено да поттикнеме повисок економски раст, соопштија од Министерството за финансии.

„Во моментов во Министерството за финансии се подготвува Буџетот за 2027 година, а веќе во собраниска процедура е Ребалансот на Буџетот за 2026 година. Особено сме внимателни во управувањето на јавните финансии, имајќи предвид дека со соочуваме со голема неизвесност и потребата од преземање мерки за заштита на стандардот на граѓаните, но и поддршка на бизнисот. Во таа насока со Ребалансот правиме интервенции и на приходната и расходната страна со цел да ја задржиме фискалната дисциплина и да не предизвикаме притисок врз буџетскиот дефицит“, посочи Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека буџетскиот дефицит останува во рамки на проекцијата и е насочен кон реализација на развојните политики на Владата, односно поддршка на големите инвестициски проекти.

Ова, според министерката, особено е важно за поддршка на економскиот раст и продолжување на овој тренд на стапки на раст од над 3% во изминатите две и пол години.

Како што соопштија од ова министерство, на состаноците беше наведено дека во вториот квартал од 2026 година, БДП забележа годишен раст од 4,3%, што претставува највисок раст во постковид-периодот. Растот во првиот квартал изнесуваше 3,1%, со што растот во првата половина од годината достигна 3,7%. Тоа го потврдува продолжувањето на позитивните економски движења и отпорноста на домашната економија во услови на неизвесност во глобалното економско опкружување. Особено е важно дека еден од факторите на кои се темели е високиот раст на бруто инвестициите, поддржани преку Буџетот. Исто така, согласно Фискалната стратегија 2027-2031, бруто инвестициите ќе продолжат да бидат еден од главните двигатели на економскиот раст.

Создавањето предуслови за нов циклус економски раст преку повисоко ниво на капитални инвестиции, постепена фискална консолидација и унапредување на упраувањето со јавните финансии се основните цели на Фискалната политика за 2027–2031 година. Истовремено, спроведувањето на фискалната консолидација создава основа за зачувување стабилноста и одржување одржлив и инклузивен економски раст. Во овој контекст, министерката потенцираше дека буџетскиот дефицит согласно среднорочните проекции ќе се спушти на 2,8% во 2029 година.

На состаноците се зборувало и за пензискиот систем, при што од ММФ бил изразен интерес за поставеноста на вториот пензиски столб, што ќе биде во фокусот на следната Мисија на ММФ во Македонија планирана за ноември. На состанокот беа поздравени напорите на Владата за спроведување фискална консолидација и беше истакнато охрабување за продолжување со реформите.