Димитриеска-Кочоска: Поддршката на домашните компании преку унгарскиот заем е инвестиција во економскиот раст, не ja гледаме како трошок за буџетот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Средствата по поволни услови кои беа обезбедени од унгарската Експорт-импорт банка, не ги гледаме како трошок за буџетот, туку како инвестиција, затоа што поддршката за домашните компании е инвестиција во економскиот раст, напиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во објава на Фејсбук.

„Пред повеќе од две години, ја препознавме потребата за развој на компаниите кои имаат идеи и потенцијал за инвестиции, но за реализација на истите им беше потребно подостапно и поповолно финансирање.  Затоа, заедно со бизнис секторот и банките креиравме и дефиниравме модел со кој 250 милиони евра се ставија на располагање за развојни инвестиции во домашниот приватен сектор, по најповолни услови и со лесен пристап да стигнат до крајните корисници“, истакнува таа во објавата.

Според Димитриеска-Кочоска, првата транша кон домашните компании била исплатена во март минатата година, а до овој момент во македонската економија се инјектирани вкупно 239 милиони евра, износ кој поттикнал, како што вели, значаен инвестициски циклус во приватниот сектор и придонесе за поголемо производство, нови вработувања и поголема конкурентност на домашните компании.

„Целта на Владата беше да препознае што им е потребно на домашните компании и да создаде услови тие потреби да се претворат во реални инвестиции. Интересот покажа дека мерката одговара на реалните потреби на бизнисот. Влеговме во овој проект со јасна цел, преку поддршка на приватните инвестиции да поттикнеме значаен инвестициски циклус во домашната економија. А ефектот е поголем бидејќи средствата што ги обезбедува Владата се надополнуваат со сопствени средства на компаниите“, смета министерката за финансии.

Според министерката, резултат на ваквиот пристап до капитал и зголемените инвестиции, довело до зголемена кредитна активност и подобар пристап на компаниите до финансиски средства. Таа посочува дека растот на БДП во првиот квартал од 2026 година изнесувал 3,1%, по растот од 3,5% во четвртиот квартал од 2025 година, 3,8% во третиот и 3,8% во вториот квартал. Позитивни и охрабрувачки сигнали, како што стои во објавата, се гледаат и кај извозот, индустриското производство и вработеноста.

„Сите податоци покажуваат дека економската активност се движи во посакувана насока и се потврда за позитивните ефекти на политиките коишто ги спроведуваме. Токму затоа поддршката за домашниот бизнис ја гледаме како инвестиција во растот на економијата. Овие податоци се важни бидејќи покажуваат дека економските политики треба да се мерат преку конкретните резултати и промените во реалната економија. Целта на Владата е јасна: повеќе инвестиции, зголемено производство, посилни домашни компании, нови работни места, конкурентна домашна економија и одржлив економски раст“, се вели во објавата на Димитриеска-Кочоска, во која се додава дека Владата со посветеност ќе продолжи да креира и спроведува мерки кои ќе им овозможуваат на компаниите да растат, да инвестираат и да создаваат нова вредност за целата економија.