Mинистерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска на нејзината Фејсбук страница објави дека Македонија го задржала кредитниот рејтинг којшто го оценува Кредитната агенција „Фич“. „Ова за мене беше силна потврда за конзистентноста на политиките што ги спроведуваме и силен сигнал да продолжиме по истиот пат“, вели Димитриеска-Кочоска во објавата.
Според неа, стабилноста на јавните финансии и поттикнувањето на економскиот раст се основата на која се темели економската политика што ја креира и спроведува Владата, а ефектите, како што оцени таа, се гледаат и во економските показатели, кои се основата за да се задржи кредитниот рејтинг.
„Дали има ефекти покажуваат податоците. Многупати сум напоменала дека бројките се тие што ја отсликуваат фактичката состојба и сега во моментов, но и кога на нив би се навратиле во иднина тие ќе ја отсликаат реалноста“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Како што наведува таа, од економскиот раст во прв квартал 2024 година од 1,6%, состојба од која почнала оваа Влада, донесените одлуки дале ефект и придонеле да има во континуитет стапки на економски раст околу и над 3%, а во последниот објавен податок за вториот квартал стапка на раст од 4,3%. „Не зборуваме само за еден исклучително добар квартал, туку за континуитет на позитивните економски движења“, смета Кочоска.
Таа додава дека инвестициите биле основата на која се темели економската политика. Само во вториот квартал од оваа година бруто инвестициите се зголемени за 16,5%. „Тоа е особено важно затоа што покажува каков економски модел сакаме. Модел во кој инвестициите имаат поголема улога во создавањето на растот. Зад ова стојат забрзаната реализација на големите капитални и инфраструктурни проекти, проекти во општините за локален економски развој, но и инвестициската активност на домашниот приватен сектор. Градежништвото бележи раст од 21,9%, индустријата 3,9%, а преработувачката индустрија 4,1%. Услужниот сектор расте за 2,4%, со позитивни движења во повеќе дејности. Во вториот квартал извозот на стоки и услуги реално расте за 10,4%“, наведува министерката за финансии.
Таа оцени дека ова е особено важно за Владата бидејќи станува збор за резултати постигнати во една голема глобална неизвесност, а имајќи предвид дека Македонија е мала и отворена економија и под силно влијание на случувањата на глобално ниво, а особено во Европа.
Според министерката за финансии, фактите го покажуваат сериозниот пристап во менаџирање со обврските, односно обезбедувањето средства за развој, но и навремено обезбедување средства за враќање на старите долгови.
„Во вториот квартал од оваа година исплативме над 300 милиони евра за сервисирање на дел од еврообврзницата од 700 милиони евра издадена во 2020 година. Поголемиот дел од оваа еврообврзница беше сервисиран уште во првиот квартал. Но за поцелосна слика да имаме за какви обврски станува збор и обврски кои оваа Влада ги враќа и треба да ги врати во наредниот период посочуваат следните податоци – од втората половина на 2024 година до денес Министерството за финансии има сервисирано обврски во вкупен износ од 4,556 милијарди евра или поконкретно 786 милиони евра во втората половина на 2024 година, 2,198 милијарди евра во 2025 година и 1,571 милијарди евра во 2026 година. Дополнителен притисок на ова се и каматите кои се во износ од 350 милиони евра“, наведува Димитриеска-Кочоска.
Според неа тоа е реалноста со која се соочува Владата, која истовремено плаќа камати и раздолжува обврски создадени во минатото. „Држава која не ги сервисира своите обврски плаќа многу повисока цена преку повисоки камати, нарушен кредитен рејтинг и поскапо финансирање за целата економија, затоа остануваме на определбата да балансираме помеѓу инвестициите, фискалната консолидација и навремено обезбедување средства за сервисирање на обврските. Нашата определба за фискална консолидација е јасна и таа останува непроменета. Но, консолидацијата мора да биде постепена, кредибилна и усогласена со економскиот циклус“, се вели во објавата на министерката за финансии.
